Лицата над 65 години или старите лица се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината, па затоа треба да ги почитуваат мерките дадени за општата популација, препорачуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Согласно националните и меѓународните препораки, старите лица се категоризирани како т.н. „ризична категорија“. Tие потешко се прилагодуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба, да користат редовна терапија која може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина“, се вели во објавата.
Овие лица треба да избегнуваат изложување на сонце (вклучително и работа на отворено) во период 11 – 17 ч, да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и крем со УВ фактор 30+ при изложување на сонце, да пијат повеќе од вообичаено и да не чекаат да почувствуваат жед за да пијат вода.
„Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци. Доколку пак, вашиот лекар има поставено некои ограничувања за внесот на течности, консултирајте се со вашиот лекар. Избгенувајте користење на шпорет, рерна и слични уреди во период од 11 до 17 часот. Хроничните болни, посебно оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително консултирајте го избраниот (матичниот) лекар“, се вели во препораките наменети за овие лица.