Во малата депонија во Охис има жива и повеќе линдан од очекуваното, чистењето ќе чини до 20 милиони евра
Во малата депонија во Охис има 50 отсто повеќе линдан од првичните пресметки, покажуваат анализите на холандската компанија ТАУ што завршија во мај годинава. Во неа има и 70 тони жива, која исто така ќе треба да се извади и уништи на безбеден начин. Резултатите од анализата ќе влијаат и на временскиот рок и на цената на расчистувањето на депонијата, иако во текот на испитувањето беше констатирано и дека количините на контаминирана земја се значително пониски од оние во првичните пресметки. Според најновите прогнози чистењето на малата депонија би траело уште три години, а би чинело меѓу 10 и 20 милиони евра.
Во малата депонија се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон и околу 70 тони жива. Околу 1.781 тони земја која се наоѓа помеѓу базените, поради нискиот степен на контаминација, не се препорачува да се третира термички и истата ќе остане во малата депонија.
„Анализата на преостанатиот дел во малата депонија беше завршена во мај оваа година од страна на Холандската компанија ТАУ, а резултатите беа презентирани пред претставници на Министерството, Генeралниот секретаријат на Владата и домашни експерти за животна средина, при што беа дискутирани и можни решенија за чистење на малата депонија“, информираат од Министерството за животна средина.
Во споредба со анализите направени пред почетокот на чистењето на депонијата, има големи отстапување во количините, односно ХЦХ отпад има 51 отсто повеќе, додека контаминирана земја 61 отсто помалку. Од Министерството велат дека, врз основа на претпоставените преостанати количини во малата депонија, експертите од ТАУ презентираа две сценарија, со финансиска конструкција.
Според првото сценарио, доколку покрај термички третман на контаминираниот отпад и земја, во пресметката се вклучат и 1.120 тони бетон, што подразбира негово кршење, дробење, пакување, транспорт и термички третман, вкупните потребни финансиски средства би изнесувале околу 20 милиони евра. Во второто сценарио, доколку покрај термички третман на отпадот и земјата, се примени само чистење на бетонот односно негово обвивање во геомембрана и складирање во малата депонија на местото на ископаните базени, тогаш проценетите трошоци би изнесувале околу 10.5 милиони евра.
И во двете сценарија е предвиден временски период од околу 36 месеци за целосна реализација на активностите. Во моментв, во Мултипартнерскиот фонд, наменет за чистење на депонијата, има приближно 600.000 евра обезбедени од Владата, а досега во него учествуваа и Кралството на Норвешка и Европската Унија.
„Продолжувањето на работите зависат од обезбедување на доволно финансиски средства, за што УНОПС, Министерството за животна средина и просторно планирање и Генералниот секретаријат, активно работат на изнаоѓање дополнителни средства за чистење на малата депонија. Сите понатамошни активности поврзани со изборот на компанија за изведување на оперативните работи ќе се спроведуваат согласно со правилата и прописите за набавки на УНОПС“, велат од Министерството.
Чистењето на линданот од ОХИС почна во септермври 2021 година, а досега се транспортирани и уништени 1.932 тони високо концентриран HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH изомери. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во Треди во Франција, додека почвата контаминирана со HCH се транспортира во постројката Индавер во Германија.
Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.