Воздухот во Трубарево има високи концентрации на јаглерод моноксид, покажале првичните резултати

Воздухот во Трубарево има концентрации на јаглерод моноксид од 300 mg/m3, додека просечната вредност не треба да надминува 10 mg/m3. Надминати се и вредностите на други загадувачки параметри, покажале првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска, информира дека во петок ќе се знае кои тешки метали се присутни во воздухот по пожарот. Мострите биле земени истиот ден кога избувнал пожарот, а дополнително кога ќе се создадат услови ќе се направи контрола на водата и почвата.

„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво да се следи квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот, истакна Гиновска.

На локацијата на големиот пожар има поставено и две мерни станици на лабораторијата Амбикон на УГД, кои 24 часа, наредните пет денови ќе земаат проби од честичките кои подоцна ќе бидат анализирани. Едната мерна станица се наоѓа на педесеттина метри, а втората е на стотина метра од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика, на компанијата Ф-Групација. Професорот Дејан Мираковски најави дека првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух, треба да ги имаат наредната недела.

Компанијата Ф-Групација, според директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски имала дозвола за работа издадена во мај 2021 година со важност од пет години и одобрен елаборат за животна средина од февруари 2021 година. Работела со отпад од електрична и електронска опрема, електрични батерии, акомулутари. Согласно дозволата, компанијата имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад во еден ден, односно за 24 часа.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press