Грејната сезона во Скопје, за сите приклучени на системот за централно греење во градот, ќе почне од утре, а не на 15 октомври. Како што информираат од АД ЕСМ, иако грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, согласно регулативата може да почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна
температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени.
„Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 10 степени со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден“, информираат од ЕСМ.
Од компанијата апелираат до сите корисници да ги завршат потребните
поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап до топлинските потстаници, инсталацијата да е функционална, а сметките за електрична енергија да се платени.
Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Од ЕСМ информираат дека сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.