Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ освои најголем дел од советничките места во Градот Скопје и во шест од десетте скопски општини, додека Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија најмногу советници има единствено во општината Центар на локалните избори кои се одржаа вчера. Во двете општини со мнозинско албанско гласачко тело, Чаир и Сарај најмногу советници освоија Националната алијанса за интеграција на ДУИ, осносно Коалицијата Вреди (Влен), додека во Шуто Оризари, најмногу советници има Унијата на Ромите на Курто Дудуш. Независните советници поминаа најдобро во Карпош, каде Независни за Карпош ќе има тројца претставници, додека во Центар, Независни заедно освоија две советнички позиции. Во Градот Скопје, исто така ќе има двајца независни советници.
Според податоците од Државната изборна комисија, од вкупно 45 мандати во Советот на Скопје, 18 се резервирани за ВМРО-ДПМНЕ. По шест освоија НАИ, Левица и Влен, додека СДСМ ќе има петмина советници. Коалицијата Искуство за успех и Знам освоија по едно советничко место. Разделените граѓански активисти, кои одлучија да настапуваат со две посебни листи за Градот Скопје на локалните избори освоија две советнички места, по едно на Независно заедно и на Зелен хуман град.
Центар е единствената општина каде што СДСМ освои најголем број советнички места, вкупно 8, едно повеќе од ВМРО ДПМНЕ. Левица има три, Знам и Независни заедно освоија по две, а Коалицијата Зелена иднина, едно советничко место.
Во Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба и Бутел најбројни се советничките групи на ВМРО ДПМНЕ. Во Кисела Вода и Гази Баба од 27 советници, по 17 се на владеачката партија, а убедливо е и мнозинството во Ѓорче Петров, 14 советници на ВМРО ДПМНЕ, од вкупно 23. Во Аеродром партијата освои 15 мандати од вкупно 27, а во Бутел 10 од 19. Во Карпош, од 27 советнички места, 11 се на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Аеродром, Левица е втората по бројност советничка група со шест советници, еден повеќе од СДСМ, а Знам има само еден советник. Во Карпош, силите се изедначени помеѓу СДСМ, Искуство за успех и Левица, кои имаат по четири советници, Независни за Карпош имаат тројца советници, а Знам еден. И во Ѓорче Петров, СДСМ и Левица се изедначени, со по четворица советници, а Знам има еден.
Во Кисела Вода Левица освои пет советнички места, едно повеќе од СДСМ, а Знам има еден советник. Во Општината Гази Баба, Левица и СДСМ имаат по четворица советници, а албанските коалиции Влен и НАИ по еден. Во Советот на Бутел албанските коалиции НАИ и Влен имаат четири, односно три советници, а СДСМ и Левица по еден.
Во Општина Сарај 19 советнички места се поделени меѓу НАИ, кои освоија 10 и Влен кои ќе имаат девет советници. Пошарено е во Чаир, каде од вкупно 27 советнички позиции, Влен има 14, НАИ 11, а ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците по еден советник. Во Шуто Оризари, најбројна партија во Советот е Унијата на Ромите со шестмина советници, а ВМРО-ДПМНЕ и Влен имаат по четворица советници. НАИ освои три места, а Сојузот на Ромите и Сили на Ромите по едно.
ВМРО-ДПМНЕ со 12.000 повеќе, СДСМ со 111.000 помалку
ВМРО-ДПМНЕ, според првите податоци од ДИК, на локалните избори, за советнички листи во сите 80 општини има освоено вкупно околу 301.000 гласа. За листата на партијата за Советот на Градот Скопје гласале 81.669 гласачи. Во споредба со локалните избори во 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ сега освоила околу 12.000 гласа повеќе.
Опозициската СДСМ, пак, за советници добила околу 126.000 гласови во сите општини, додека 24.594 гласови се за листата во Град Скопје. Минатите локални избори во 2021 година, Социјал-демократите имале 111.000 гласа повеќе, односно околу 237.000 гласа.
Коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, добила околу 114.000 гласови за советнички листи на овие избори, а ВЛЕН 92.000 гласови.
Во Скопје за советниците на НАИ гласале 27.055 гласачи, а за Влен 27.340 гласачи. Левица добила поддршка од околу 58.000 гласачи, а за советничката листа во Скопје од 27.479 гласачи.
Коалицискиот партнер на ВМРО ДПМНЕ, Знам ги добила гласовите на околу 39.000 гласачи, а во Скопје на 5.074 гласачи.
Коалицијата Искуство за успех, за советничките листи освоила 13.000 гласови, а за листата во Скопје 6.953 гласови.