Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска во 12 часот ја започна блокадата пред Стопанската комора барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на сите останати плати. Неколку десетици луѓе излегоа на улица, од нив 21 колку што е потребно за блокада, стоеја пред зградата на Стопанската комора, а останатите на најблиската раскрсница.
Претседателот на советот, Слободан Трендафилов имаше обраќање каде им порачаа на работодавачите дека поради „мизерните“ плати и одбивањето да ги зголемат, многу семејства заминаа во странство.
„Газдите мора да сфатат дека имаат пријатели само во работниците, но може да имаат и непријатели. Проблем е што истите газди, не дозволуваат синдикално организирање во најголем дел од приватниот сектор“, изјави Трендафилов.
Тој упати порака и до работниците, посочувајќи дека мал број од нив излегуваат на протести, односно „само еден од десет ваши колеги се бори за вашите плати“.
„Може да замислите што ќе беше ако се боревме 8 од 10 вработени. Може да замислите ако од 540.000 работници само 100.000 излезевте на улица и дали денес ќе требаше да продолжуваме со блокадите и дали ќе треба да организираме уште еден голем работнички протест и дали ќе треба да организираме генерален штрајк“, изјави Трендафилов.
Тој исто така истакна дека и покрај притисокот што го трпат, синдикатот нема намера да се откаже од своите барања, а организирањето блокади со по 21 човек, како што кажа, е почитување на законот за јавни собири, но и претпазливост, откако во јавноста се појави снимка на која Трендафилов е со своите деца во службено возило, токму на денот кога синдикатите го блокираа Собранието и побараа пратениците на работа да доаѓаат пеш и да не користат средства за патни трошоци.
Трендафилов кажа дека според информациите што ги добил, се планира јавно таргетирање на работниците кои учествуваат во блокадите.
„Ми беше кажано дека ќе ги објавуваат, како што го објавија и моето семејство на социјалните мрежи. Не смееме да им се плашиме“, изјави тој, додавајќи дека понудата за зголемување на платите за 6.000 денари и предлогот Владата да ги покрива придонесите сè уште се на маса.
Обраќање имаше и потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кој им порача на работодавачите дека сè уште може да седнат на маса со Синдикатот и да се договорат.
„Да заборавиме веќе на плата од 400 и 500 евра, затоа што не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници. Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот што им го овозможиле работниците, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и со шатори и секој ден ќе ги потсетуваме дека за тие плати повеќе нема да работиме“, изјави Пешевски.
ССМ следната недела, на 17 февруари најави блокада на Владата, а понатаму е можен протест и во неработен ден, со цел сите работници во државата да имаат шанса да излезат.
