Израелските новинари апелираа до британски милијардер да не го продава својот удел во израелски телевизиски канал, што, според нив, би претставувало сериозен удар врз независноста на медиумите во земјата, објави Гардијан.
Сер Леонард Блаватник, кој „Сандеј тајмс“ го наведува како трет најбогат човек во Велика Британија, продава речиси 15 отсто од акциите во „Канал 13“, телевизиски канал кој во последните години емитуваше критички вести за владата на Бенјамин Нетанјаху, вклучително и истраги за финансиските зделки на премиерот.
Блаватник му го продава својот дел на телекомуникацискиот магнат Патрик Драхи, кој има француско, португалско и израелско државјанство. Драхи веќе поседува телевизиска компанија и информативен канал во Израел, кој генерално емитува многу помалку критички извештаи за Нетанјаху.
Остатокот од деловната империја на Драхи е во големи долгови, а тој е вмешан во правна битка со своите доверители во САД.
Синдикатот на новинари во Израел издаде соопштение во кое продажбата ја нарече „незаконски договор, кој веројатно дополнително ќе ја еродира слободата на печатот во земјата“ и ја опиша како дел од „мастер планот на владата на Нетанјаху за заробување на медиумите“ пред закажаните избори оваа година.
Блаватник продава нешто помалку од 15 отсто од акциите во „Канал 13“ што претставува максимален удел што е дозволен да се продаде на конкурент со постоечки медиумски имот според израелските закони за конкуренција, но критичарите тврдат дека како единствен инвеститор во каналот (Блаватник наводно не е подготвена да инвестира понатаму по години тешки загуби), Драхи ќе има вистинска контрола врз медиумот.
„Иако Патрик Драхи купува само 15 отсто, се плашиме дека со купување на 15 отсто, тој добива целосна контрола врз политиката на каналот“, рече Анат Сарагусти, кој е задолжен за слободата на печатот во Синдикатот на новинари.
„Ако тој е единствениот што може да влее пари во каналот и да го направи одржлив, тогаш каналот е целосно зависен од него“ вели Сарагусти.
Ајала Паниевски, од Универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон, ја спореди борбата околу „Канал 13“ со судбината на „Вашингтон пост“ под водство на американскиот милијардер Џеф Безос, кој го приближи до Доналд Трамп и минатата недела отпушти речиси една третина од работната сила, отпуштајќи стотици новинари.
Паниевски минатата година објави книга „ Новата цензура: Како војната врз медиумите нè потиснува“, за опсадата врз слободниот печат што ја спроведува популистичката десница низ целиот свет. Таа ги гледа случаите на „Вашингтон пост“ и „Канал 13“ како „дел од ескалирачката војна врз независното и критичко новинарство, започната од сојузот на популистички авторитарци и овозможувачите на бролигархијата“.
„Сопствениците на медиумите треба да се соочат со критики бидејќи се на влијателни позиции и соработуваат со владите за да ја нарушат слободата на печатот“ вели таа.
Израелските новинари стравуваат дека преземањето на Драхи би довело до слични масовни загуби на работни места како оние што ги претрпеа нивните колеги од „Вашингтон пост“.
Нетанјаху и неговите министри започнаа координирана кампања за преобликување на медиумскиот пејзаж во Израел пред изборите оваа година. Едно од обвиненијата за корупција за кои премиерот сега е на суд вклучува наводна понуда за поволен финансиски третман во замена за позитивно известување.
Минатиот месец, еден владин министер тужеше истражувачки новинар на единствениот друг голем независен информативен канал, „Канал 12“, за рекордна штета од 12 милиони шекели (2,86 милиони фунти).
Владата воведе финансиски санкции врз независниот весник „Хаарец“, кого го обвинува за „поддршка на непријателот“ поради објавените критики кон војната во Газа.
Во меѓувреме, новинарите се надеваат дека Блаватник ќе се предомисли.
„Ако Канал 13 падне, ова би бил крај на слободниот печат во Израел, бидејќи останатите ќе пропаднат брзо потоа. Тоа е пресвртница. Мислам дека Блаватник навистина не разбира дека ова не е само економско прашање, туку пресвртница во израелската демократија“ рече Сарагусти.
