Иселени бездомници што направиле депонии во напуштени објекти во Центар

Инспекциските служби на Општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти во Ново Маало и во близина на Буњаковец.

На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски –Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомни лица, кои живееле во руиниран објект, по што започна и расчистување на сметот во и околу куќата. Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, како што информираат од Општината Центар, поради  присуство и на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.
„Ова не е првпат инспекциските служби на Општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно-правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност“, посочуваат од Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека ваквите објекти во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии се реална опасност за околината и ги повика сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press