Македонија има помладо население од повеќето земји од регионот

Македонското население старее со забележливо темпо – просечната возраст на граѓаните достигна 42,21 година, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. За споредба, просекот во Европската Унија е повисок и изнесува 44,9 години.

Пресметано во последните десет години, средната возраст во земјава пораснала речиси пет години – во 2015-та таа изнесувала 37,4 години. Во регионот, младешкото население е најизразено само во Црна Гора со 40,4 години. Србија и Албанија бележат постаро население, со просек од 45,4, односно 44,3 години, додека соседните Грција и Бугарија се меѓу најстарите со по 47,2 години. Хрватска и Словенија се движат на средина со 45,5 години.

Меѓу земјите од ЕУ, најмладото население го има Ирска (39,6 години), додека Италија е земја со најстаро население, каде просекот достигнува 49,1 година. Воопшто, стареењето на населението е глобален тренд – просечната возраст во Унијата се зголемила за 2,1 година од 2015 година, кога била 42,8 години. Исклучок прават само Германија и Малта, каде бележиме мал пад од 0,4 години.

Најголем скок во стареењето се бележи во Словачка и Кипар, каде средната возраст пораснала за четири години. Италија следи со +3,9 години, додека Грција и Полска бележат пораст од 3,8 години. Португалија исто така забележала значително стареење, со раст на средната возраст од 3,7 години.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press