ДЕНЕС Е ПРОЧКА – ПРАЗНИК НА ПРОШКАТА, ПОКАЈАНИЕТО И НОВИОТ ПОЧЕТОК

Денес православните христијани го одбележуваат празникот Прочка – Велики поклади, ден посветен на меѓусебното простување и духовното очистување пред почетокот на Велигденските пости. Овој празник секогаш се паѓа во недела и е точно седум недели пред Велигден.

Суштината на Прочка е едноставна, но длабока – да побараме прошка од ближните и да им простиме од срце. Според христијанското учење, проштевањето е израз на љубовта и првиот чекор кон духовно обновување и чиста душа пред постот.

Во македонската традиција, помладите бараат прошка од постарите со зборовите „Прости ми“, на што се одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“. Семејствата се собираат на заедничка трпеза, а вечерта завршува со познатото амкање јајца – обичај што носи радост кај децата и симболично го означува преминот од мрсна кон посна храна.

Покрај христијанските обичаи, со Прочка се поврзани и народни традиции – маскирање, огнови и карневали, кои претставуваат остатоци од старите пролетни обреди и симболично го означуваат крајот на зимата и доаѓањето на пролетта.

Денот по Прочка се нарекува Чист понеделник, кога започнуваат долгите велигденски пости – период на воздржување, молитва и духовно прочистување.

Прочка не е само празник, туку потсетник дека најголемата сила е во проштевањето – кон ближниот, но и кон себе.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press