Една година по кобниот 16 март, кога во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани згаснаа 63 млади животи, градот се подготвува за тридневно, достоинствено одбележување на трагедијата, организирано од локалната заедница.
Од 14 до 16 март, Кочани ќе живее во знакот на сеќавањето, почитта и солидарноста. Општината најави програма што обединува духовни содржини, комеморативни настани и пораки на заедништво, како потсетник дека болката не смее да биде заборавена, но и дека од неа може да произлезе сила.
Градоначалникот на Кочани соопшти дека програмата ќе започне на 14 март со православни обреди посветени на загинатите, молитвено сеќавање и духовно заедништво во нивна чест. Деновите што следуваат ќе бидат исполнети со активности што ќе оддадат почит на починатите, ќе испратат поддршка до повредените и нивните семејства и ќе изразат благодарност до сите што несебично помогнаа во најтешките мигови.
Централното одбележување е предвидено за 16 март, кога ќе се одржи достоинствена комеморација во спомен на жртвите од трагедијата во „Пулс“. Деталите за настаните ќе бидат дополнително објавени, најави градоначалникот, нагласувајќи дека целта е овие денови да не останат само симбол на загубата, туку да станат темел за посилна и посплотена заедница.
„Да свртиме нов лист, како општина што избира сплотеност, истрајност и мир“, порача тој, повикувајќи на единство и заедничко делување.
Во меѓувреме, родителите и блиските на трагично загинатите најавија нов „Марш за ангелите“, кој ќе се одржи во сабота со почеток во 15:05 часот од Паркот на револуцијата. Исто така, тие ја повикаа јавноста да се приклучи.
