Речиси 137,4 милиони евра завршиле во рацете на извршителите преку присилна наплата во 2025 година, покажуваат најновите податоци од Комората на извршители. Со ова е реализирана нешто повеќе од 43 проценти од вкупната вредност на примените барања, што говори дека помалку од половина од побарувањата стигнале до целосна наплата.
Иако вкупната сума е за околу 23 милиони евра пониска од претходната година, структурата на наплатата открива поинаква слика. Товарот сè повеќе паѓа врз грбот на граѓаните. Од физички лица биле наплатени над 50,8 милиони евра, рекорден износ досега и првпат над психолошката граница од 50 милиони евра. Во однос на 2024 година, тоа е раст од речиси четири милиони евра.
Компаниите, пак, остануваат најголеми должници во апсолутен износ. Од нив се инкасирани околу 63,4 милиони евра, додека од државните институции преку извршителска постапка се прибрани нешто над 24,8 милиони евра. Кај овие две категории е забележано намалување на наплатата во споредба со лани.
Но фирмите не се само на страната на должниците. Преку извршители во 2025 година компаниите успеале да наплатат повеќе од 105 милиони евра. Граѓаните, кога се во улога на доверители, повратиле над 31 милион евра, додека државата инкасирала помалку од 2,5 милиони евра по оваа основа.
Ако се погледне подолг временски пресек, бројките се уште поимпресивни. Од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година, присилно се наплатени над 2,22 милијарди евра.
Територијално, најголемиот дел од средствата се концентрирани во главниот град. Подрачјето на Скопје предничи со близу 70 милиони евра реализирана наплата. Потоа следуваат Основниот суд Битола и Основниот суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судските подрачја Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со приближно 9,8 милиони евра.
Компаниите иницирале вкупно 160.971 барања за присилна наплата во 2025 година, од кои 10.257 потекнуваат од банки, а 45.219 од комунални претпријатија. Истовремено, повторно се отвора дебатата за најавените законски измени кои имаат за цел дигитализација и зголемување на ефикасноста на извршната постапка, додека синдикатите инсистираат на намалување на трошоците што ги сносат должниците, предупредувајќи дека сегашниот систем создава дополнителен финансиски товар за граѓаните.
