Лазаров: Честитики до момците! Играчи што имаат мала минутажа во своите клубови покажаа карактер и борба!
Македонската ракометна репрезентација одигра реми на пријателскиот натпревар против Австрија, кој е дел од ЕХФ-неделата. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци можеа да дојдат и до победа, на двапати имаа водство од четири гола. Предводникот на нашиот најдобар национален тим е задоволен од прикажаното, особено од играчите кои во своите тимови имаат мала минутажа.
„Честитки до момците. Го дадоа максимумот од своите можности во пријателски натпревар против сериозна селекција како Австрија која ја елиминира Србија на Европското првенство. Иако имавме +4 во 46 минута, сепак сум презадоволен од прикажаното. Играчи што имаат мала минутажа во своите клубови покажаа карактер и борба.
Треба многу претпазливо да влеземе во бараж дуелот за Светското првенство. Се надевам ќе го дочекаме во добра кондиција и ентузијазам за борба за ново учество на Македонија на Светско првенство. Очекувам поголема минутажа на сите репрезентативци во своите клубови во периодот што следува за доброто на македонскиот ракомет“, ни изјави Кирил Лазаров, кој за оваа средба не сметаше на Митревски, Пешевски, Серафимов и Ѓоргиев.
Македонија денеска ќе го дознае името на противникот за Светското првенство 2027 година, реванш дуелот меѓу Словачка и Украина се игра со почеток во 13 часот, домашната селекција има позитива од три гола.
