Романот „Во Акрата нема мостови“ е книжевно дело што ја отвора темата на патувањето како егзистенцијална потрага, љубовта и релациите меѓу луѓето кои ги обликуваат човечките судбини.
„Оваа книга ја напишав затоа што имав потреба да си одговорам на неколку кратки, но за мене тешки прашања. Што значи да сакаш без гаранција дека некој ќе остане, што значи да бидеш родител и да преземеш одговорност за живот што не ти припаѓа, и како се живее со празнини кои не се пополнуваат, туку се носат“, вели авторот Миле Бошњаковски.
Книгата ја истражува блискоста меѓу луѓе со различни потекла, јазици и искуства, покажувајќи дека најсилните врски се раѓаат токму во прифаќањето на разликите. Во нејзиното јадро се љубовта, семејството и невидливите мостови што ги поврзуваат луѓето низ времето.
Книжевни осврти
Новинарот и публицист Зоран Бојаровски во својот осврт го прогласува делото за прв „on the road“ роман во македонската литература:
„Романот на Миле Бошњаковски ги содржи клучните елементи на овој жанр – поетиката на патувањето, егзистенцијалната потрага и бегството како форма на самоспознавање. Јостед, јунакот во движење, ја следи својата потрага по домот, додека љубовната приказна меѓу него и Елени го носи читателот низ една од најсилните романтични наративи во современата македонска литература.“
Новинарката Катарина Синадиновска истакнува дека романот е силна приказна за припадноста и неизговорените вистини:
„Со суптилна и прецизна нарација, Миле Бошњаковски создава роман во кој личните судбини се преплетуваат со историјата. ‘Во Акрата нема мостови’ отвора прашања за семејството, љубовта и цената на тишините што ги наследуваме. Некои мостови ги разбираме дури кога веќе е предоцна да ги преминеме.“
