Штип, 20.07.2017
- СДСМ Штип ниту влегувала ниту ќе влегува во непринципиелни и неприфатливи коалиции, најмалку со ВМРО ДПМНЕ, но кога е во прашање интересот на граѓаните подготвени сме да иницираме и прифатиме иницијативи кои се во насока на штитење на јавниот интерес
Испаѓањето на Брегалница Штип од првата македонска фудбалска лига предизвика револт и разочарување кај граѓаните и љубителите на спортот во Штип, бидејќи овој некогашен фудбалски град се претвори во фудбалска провинција.
Ова беше речено на денешниот прес на Општинската организација на СДСМ во Штип.
Според штипските социјалдемократи, дополнителен револт кај граѓаните предизвикува фактот што дури 90% од средствата за спорт во општинскиот буџет одат на сметка на ФК Брегалница. Тоа се околу 300 000 евра годишно, односно околу еден милион евра за три години пари на граѓаните што Општината ги издвојува за најголемиот спортски бренд во Штип.
Но и покрај силната поддршка од Општината, раководството на ФК Брегалница предводено од Ангел Бојаџиев не ги оправда очекувањата на граѓаните а клубот испадна од најсилната лига. Затоа, советниците од СДСМ и коалицијата побараа одговрност од Бојаџиев за неговото неуспешно раководење со клубот.
Советот на општина Штип едногласно одлучи доделувањето на финансиски средства на клубот да го услови со разрешување на Бојаџиев и назначување на ново раководство на клубот. И наместо да покаже доблест и самиот да ја преземе одговорноста за лошото менаџирање, Бојаџиев обвинува за некако политички пазар за негово разрешување.
СДСМ Штип ниту влегувала ниту ќе влегува во непринципиелни и неприфатливи коалиции, најмалку со ВМРО ДПМНЕ, но кога е во прашање интересот на граѓаните подготвени сме да иницираме и прифатиме иницијативи кои се во насока на штитење на јавниот интерес. И во иднина ќе работиме на подобрување на животот и спортот во Штип, а за конкретниот случај со ФК Брегалница наскоро ќе иницираме тематска трибина со анализа и со идеи и предлози за надминување на состојбите во ФК Брегалница и нејзино враќање на местото кое го заслужува, беше речено на пресот.