Делчево, 18.04.2026
Деновиве излезе од печат книга со епиграми „Римувани романи“ од сатиричарот Миле Ѓорѓијоски кој живее и твори во Делчево. Ова е трета книга со епиграми од истиот автор. Тој е автор и на збирката епиграми „Римувани драми“, како и збирката епиграми за деца „Палави епиграмчиња“:
Кориците и илустрациите се дело на Ласко Џуровски.
Ѓорѓијоски е автор и на 18 книги со афоризми, една со сатирични приказни и една со драми. Тој е автор и на правата книга со детски афоризми издадена во Македонија, како и на пет сликовници со детски афоризми и 17 алманаси и антологии на афоризми.
Еве неколку римувани епиграми застапени во книгата:
Народот што гласа за ситни души,
постојано се провира низ иглени уши!
Кога народот не смее да отвори уста,
гласот на разумот е само желба пуста.
Веруваат во народот и не патат од его.
Ниту еден политичар не бара оставка од него!
Народ што ужива додека страда,
заслужува само – ваква влада!
Рано е за нас да чукне судниот час.
Светот е со векови пред нас.
Убавиот збор, веќе челични порти не отвора.
Денес за тоа секој човек калауз бара!
Човек на човек не му е волк од причина проста.
За разлика од луѓето, волците знаат – за доста!
Данокот во крв на Балканот е вечна тема.
Некогаш Османлиите, денес Европа го зема.
Се моли народот да побрза да фати ред,
од сите славини ќе почне да тече млеко и мед!
Дипломира, магистрира и докторира за час.
Зеде партиска книшка од партијата на власт!
Сами сме криви што цел живот сме во була.
Дозволивме кој ќе стигне да нè множи со нула!
Историја се пишува со крв, така секогаш било.
А, се фалсификува само со една капка мастило!
Ќе стигнеме во ЕУ, со Европа судба ќе делиме.
Треба само еден по еден оттука да се иселиме!
Ти праќам повеќе епиграми. За да можеш да направиш избор по твој вкус.


