ШТИП: Отворен и кариерен ден во кој се „сретнаа“ Универзитетот „Гоце Делчев“, студентите, средношколците и реалниот сектор
Штип, 22.04.2026
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го реализираше традиционалниот Отворен и кариерен ден 2026, настан кој обедини средношколци, студенти, професори и претставници од приватниот сектор, со цел информирање за студиските програми и отворање конкретни можности за кариерен развој.
Настанот се одржа на еднонасочната улица „Ванчо Прќе“, каде посетителите имаа можност директно да се запознаат со академската понуда на универзитетот, условите за студирање, како и со можностите за пракса и вработување преку присутните компании.
Ректорот на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека настанот има клучна улога во поврзувањето на младите со реалниот сектор.
„Посебно задоволство е што веќе втора година, со поддршка од локалната самоуправа и Стопанската комора, го организираме овој ден како простор каде сегашните студенти се поврзуваат со компаниите, а идните студенти се запознаваат со можностите што ги нуди универзитетот. За нас ова е од огромна важност, бидејќи на тој начин им овозможуваме на младите да ги реализираат своите цели и да добијат европско образование тука, дома“, изјави Мираковски.
Тој нагласи дека годинава на настанот учествувале над 50 компании, односно вкупно 54, што, според него, е показател за растечкиот интерес од бизнис секторот.
„Компаниите не се само потенцијални работодавачи, туку и ментори кои нудат практична работа, па дури и платени практики. Тоа е процес во кој сите добиваат – компаниите добиваат квалитетен кадар, а студентите можност да ја реализираат кариерата во пракса“, додаде ректорот.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, потенцираше дека развојот на градот е директно поврзан со развојот на универзитетот и соработката со бизнис секторот.
„Ова е одлична можност студентите да се информираат за можностите за студирање и да го трасираат својот професионален пат, а компаниите да дојдат до кадар кој ќе го развиваат. Суштината е младите веднаш по завршувањето на образованието да бидат подготвени за пазарот на труд, што е и клуч за развој на градот“, изјави Јорданов.
Камелија Бојаџиски од Академијата и Марија Димитрова одговорна за човечки ресурси во „Макпрогрес“-Виница, беа на штандот пред кој имаше поголем број млади заинтересирани да слушнат нешто за оваа успешна виничка компанија и, посебно, за брендот Винчини како и за можностите за вработување.
-Макпрогрес е компанија од повеќе подружници а студентите и средношколците како млади, љубопитни луѓе се интересираа за нашата работа, за можностите да ја посетат компанијата и за евентуално вработување. Нашите врати за младите луѓе секогаш се широко отворени, имаме потреба од вработување на машински инженери, угостители, од прехрабената индустрија…Токму по иницијатива на Макпрогрес во гимназијата во Виница се отворени две нови струки – прехранбена и туризам и угостителство. Го ка ниме заинтересираните да не посетат и да поразговараме за тоа кое нив најмногу ги интересира, а кај нас има постојано отворени работни места, рекоа Камелија и Марија.
На друг штанд на рудникот Бучим студент по рударство се распрашува за можностите да го посети рудникот и да поразговара за евентуално вработување.
-Бучим секогаш има реална потреба од вработување на машински и рударски инженери, геолози, стручни лица од електро струкат, правници, економисти. Нашата работа е динамична и инспиративна, секој може да аплицира за работа и да дојде на интервју, денешниов настан е одлична можност сите да се запознаеме меѓу себе, а младите студенти да добијат информации од прва рака за рудникот и нивните отворени можности да станат дел од нашето семејство, рече Мирослав Петров, раководител на одделот за човечки ресурси во познатиот рудник за бакар.
