Берово, 23.04.2026
Од соседна Бугарија тврдат дека преку граничниот премин Клепало на македонско-бугарската граница кај Берово ќе може да се минува за период од најмногу три години од денес. Бугарската страна објави дека изградбата на овој граничнен премин меѓу градовите Струмјани од бугарска и Берово од македонска страна може да започне откако во Министерството за животна средина и водни ресурси се потпишани потребните еколошки процедури, пренесува БНР.
– Најтешкиот пат со одобрување на извештаите за влијанието врз животната средина е веќе завршен, и тоа во пократок временски период од очекуваниот. Во меѓувреме, се координираат барањата за инфраструктурата на самиот премин во однос на царината и граничната контрола – изјави градоначалникот на општина Струмјани, Емил Илиев.
Илиев вели дека паралелно со тие процедури дека биле преземени активности за координација на институциите поврзани со одобрувањето на овој проект поради што смета дека работите можат да се случат многу побргу.
Осумкилометарската траса на патот до границата е исто така веќе одобрена, а избрана е пократката и поеколошка опција. Носител на проектот е локалната самоуправа на регионот Благоевград и Агенцијата за патна инфраструктура, а трошоците за негово спроведување изнесуваат 5,5 милиони евра.
Градоначалникот на општина Струмјани изрази уверување дека новиот граничен премин меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде оперативен до крајот 2029 година.
Македонската Царинска управа во октомври 2024 година започна активности за проектот за воспоставување на новиот граничен премин Струмјани-Берово (Клепало) со Бугарија, со инвестиција од 3,7 милиони евра. За овој проект обезбедени се 3,1 милиони евра грант од ИПА 3 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално ко-финансирање.
Отворањето на преминот Клепало се очекува да ја зајакне регионалната поврзаност, олеснувајќи го сообраќајот на луѓе и стоки и да создаде услови за економски развој и туризам во Малешевскиот крај.
Сепак, и оваа вест треба да се земе со резерва ако се има во превиде историјатот на „отворањето“ на овој граничен премин. Имено, Во 1993 година од македонска страна е изграден современ пограничен објект на Клепало, кој требало да го користат и македонските и бугарските гранични служби. Според договорот, Бугарите таков објект за двете гранични служби требало да изградат на некој од другите два планирани гранични премина. Неколку години по завршувањето на пограничната зграда бил завршен и асфалтиран и патот од Берово до с. Клепало, во должина од 17 километри. Но, и покрај тоа што имале одобрено и европски пари, Бугарија не почнала со асфалтирање на патот од Струмјани до Клепало. До сега имало повеќе ветувања од бугарска страна дека осумте километри пат од бугарската страна ќе бидат изградени, но до денес тоа се нема случено. Последен пат ваква информација беше дадена од нашата влада во месец октомври, 2024 година кога министерот за локална самоуправа Златко Перински, во објава на фб, рече дека започнува изградбата на граничниот премин Клепало, меѓу Бугарија и Македонија, проект од ИПА 3 Програмата вреден 11 милиони евра, но од тоа не биде ништо.
