Сум работел во 7 држави, подобри луѓе од македонците за мене нема!

Штип, 06.05.2026

Владимир Рогозански е украинец кој живее во Германија каде работи како инженер -технолог по текстилство за компанијата Scehera. Завршил академија за текстилство во Киев, а во Макединија работно престојува од 2012 година кога до 2019 година три недели во месецот боравел во нашата држава, а една недела си одел дома, во Германија каде му е семејството. На почетокот го контролирал квалитетот на производството кои конфекции во Делчево, Гевгелија, Стојаково и Свети Николе го работеле за компанијата Scehera за која тој  работи подолго време.

Во Штип Рогозански доаѓа од 2023 година од кога неговата компанија започнала да работи со дел од штипските конфекции. Владимир со задоволство се согласи да ги сподели со нашата јавност впечатоците од животот во Македонија и во Штип, а првата реченица му беше дека работата го водела во седум држави низ светот но на подобри луѓе од нас македонците на наишол! Интересно, разговорот го водевме на чист македонски јазик кој Рогозански мошне одбро го говори.

-На времето мојот татко ми рече: „Синко, секогаш кога ќе одиш во друга земја прво учи го јазикот кој луѓето во таа земја го говорат“. Па кога првпат дојдов тука зедов учебник за второ и за трето одделение и така го учев македонскиот јазик. Го научив за две години, а и не ми беше баш тешко бидејќи украинскиот јазик е, всушност, старомакедонски дијалект, посочува Владимир Рогозански.

-Тврдам и секогаш ќе тврдам дека подобри луѓе на светот од вас македонците нема! Поради вашата доброто јас овде стекнав мал милион пријатели со кои комуницирам и во времето кое го поминувам дома, во Германија. Едноставно е, јас не сакам да загубам еден толку добар народ, добри луѓе  како што се македонците кои цело време спрема мене се исклучително пријателски посветени, вели Рогозански.

Тој, во некој момент, имал и македонска лична карта која ја добил во Делчево но како жител на селото Панчарево.

-На сите им велев дека јас сум Владимир Рогозански од Панчерево. Зошто? Еден убав ден пријателот Петар Димитровски кој е директор на Стопанска банка во Виница, ми рече да се прошетаме до Панчарево. Кога стапнав во селото останав маѓепсан од убаватаприрода во која беше сместено селото, од шумата, малите куќички кои ја отсликуваа старата македонска архитектура, немаше асфалт, видов многу овци како мирно пасат по широките-зелени ливади, сретнав селани качени на запрежни коли кои ги влечат волови, видов луѓе со душа, бисерно чиста природа…Всушност, во Панчарево ја видов душата на еден народ, на македонскиот, ја видов македонската историја која јас ја учев и за неа знаев многу. Од тогаш реков дека јас насекаде ќе се изјаснувам како „Владимир од Панчарево“, вели Рогозански покажувајќи ни стотици преубави слики од ова село забележани на неговиот мобилен телефон.

Вели дека ние, покрај добрите луѓе, имаме и многу добра природа, чист, незагаден воздух и дека треба да си го чуваме и почитуваме тоа.

-Во Штип стекнав мала група пријатели. Овде дојдов откако го убедив сопственикот на Scehera дека дел од производството треба да го пресели од Романија, Турска, Полска во Македонија. Му изнакажав многу добри работи за Македонија, за традицијата во текстилството која ја имате тука и некако успеав да го наговорам да го направиме тоа па сега тој го фали квалитетот кој го добива од македонските конфекции.

За Штип и нашиот регион во кој работи Рогозански вели:

-Штип е убав град но не е најубав во регионот. Крајниот исток е подобар, во Делчево, Берово, Пехчево повеќе се негува и чува традицијата, секој месец има по некој настан со кој народот ја слави традицијата, народното творештво. Во Штип ми се бендисува вашиот театар, сум ги гледал сите негови претстави, имате врвни актери и треба почесто, посебно младите, да одите на театар, имате преубави места кои сами си ги нагрдувате со вашата неодговорност, на пешачката патека имате колку сакате ѓубре…Добро е тоа што имате многу игралишта за младите. Ќе порачам да си го чувате градот, природата, почитувајте се меѓу себе, па вие живеете тука, вели Рогозански.

Тој смета дека Владата треба да обебзедува поголема финансиска поддршка за нашите конфекции и притоа го спомнува примерот од Ерменија каде Владата ги ослободува текстилните компании од сите даноци на рок од десет години.-„Главен интерес на Владата мора да е тој компаниите да работат“, коментира Рогозански.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press