Тајна руска мрежа ги користела немирите во Франција за ширење дезинформации на социјалните мрежи, открива извештај на ЕУ

Според внатрешна проценка на ЕУ, во која увид имаше „Ројтерс“, тајна руска мрежа се обидела да ги искористи немирите во Франција од минатиот месец, користејќи ги социјалните мрежи за да ја припише вината за немирите на неконтролираната имиграција и да ја претстави владата како неспособна да ја задржи контролата.
Во посебна внатрешна проценка, изготвена од француското Министерство за надворешни работи – во која исто така увид има „Ројтерс“ – се наведува дека профили на социјалните мрежи поврзани со Израел и со американското движење МАГА исто така ширеле непријателски наративи во врска со немирите, поврзувајќи ги со радикалниот исламизам и миграцијата.
Според анализите на европски експерти за дезинформации, овие проценки заедно даваат увид во тоа како надворешни актери се обидуваат да ги искористат внатрешните превирања во Франција за свои политички цели.
Во анализата на Европската унија се открива дека тајна руска мрежа, позната како „Операција преоптоварување“ , ширела видеа во кои се имитирале западни медиуми со цел да влијаат врз француската јавност. Во некои од нив лажно се тврдело дека мигранти силувале демонстранти или дека претстојат терористички напади.
Руското Министерство за надворешни работи не одговори на барањето за коментар. Во август, портпаролката на Министерството, Марија Захарова, ги отфрли обвинувањата на француска државна агенција за следење на информациите дека Русија шири дезинформации за изборите во Франција во 2027 година, изјавувајќи дека тоа „нема да биде последната измислица што властите ќе ја искористат за да манипулираат со јавното мислење“.
Минатиот месец во градови низ Франција избувнаа немири, откако демонстрациите против зголемените трошоци за живот и влошувањето на јавните услуги излегоа од контрола, прераснувајќи во едно од најтешките насилства што земјата ги доживеала во последните децении.
Анализата на ЕУ, која го опфаќа периодот од 7 до 21 октомври, покажува дека Русија се обидела да го претстави француското раководство како слабо и сè повеќе авторитарно.
„Ваквите настани создаваат можности за поткопување на националните влади, поттикнување страв и поделби, како и за обликување на јавното мислење пред изборите“, се наведува во документот на ЕУ со ограничен пристап, изготвен од експерти за дезинформации во дипломатската служба на Унијата.
Во документот не се пронајдени докази дека Москва или други актери ги поттикнале или ескалирале протестите, а активноста е опишана како „опортунистичко искористување на немирите“.
Според проценката на француското Министерство за надворешни работи, 10-те најгледани објави на платформата X за немирите, кои потекнуваат од „проруски кругови“, оствариле 2,8 милиони прегледи во периодот од 16 до 18 октомври.
Сепак, овие бројки се занемарливи во споредба со прегледите што ги остварија објавите на X за немирите, а кои доаѓаат од профили поврзани со движењето МАГА, како и со израелски функционери и влијателни личности.
Според извештајот на француското министерство, 10-те најгледани објави на X за немирите во Франција – објавени од функционери, медиуми и влијателни личности поврзани со МАГА– оствариле повеќе од 49 милиони прегледи во периодот од 16 до 18 октомври.
Во истиот период, 10-те најгледани објави од израелски функционери, владини профили, медиуми и влијателни личности собрале повеќе од 35 милиони прегледи, се наведува во францускиот извештај.
Елина Трејгер, виш политиколог во тинк-тенк организацијата „RAND Corporation“, вели дека ваквите кампањи водат еден вид „наративна конкуренција“ со долгорочно дејство, која со текот на времето може да влијае врз перцепцијата за западните демократии во Европа и пошироко.
Според Трејгер, овие кампањи поттикнуваат антиимигрантско расположение, што пак ги турка европските гласачи кон политичките екстреми.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе