Македонската културна сцена и изворната народна музика останаа без едно од своите најавтентични и најпрепознатливи имиња. Почина Марија Димкова, позната меѓу народот како „славејот од Егејот“, жена која целиот свој живот го посвети на зачувување, негување и пренесување на македонската народна песна и традиција.
Марија Димкова е родена во 1942 година во родољубиво македонско семејство од егејскиот дел на Македонија. Нејзиното детство било обележано со тешките години на Граѓанската војна во Грција, кога многу македонски семејства биле принудени на прогонства и преселби. Нејзиното семејство поминувало низ бројни места, меѓу кои Мариово, Штип, Прилепско, Војводина и други краишта, пред конечно да се насели во Битола.
Од 1963 година, по бракот со Стојан Димков, таа живееше во Штип, град кој стана нејзин дом до крајот на животот. Како најстаро од девет деца, уште од најрана возраст била воспитувана во духот на македонската традиција, народната песна и усното творештво. Вечерите исполнети со песни, приказни и семејни раскажувања оставиле силен белег врз неа и ја претвориле во вистински чувар на македонската колективна меморија.
Нејзиниот музички пат започнал во шеесеттите години во културно-уметничкото друштво „Кочо Десанот“ во Битола, а првиот јавен настап го имала уште во 1959 година на Радио Прилеп со песната „Кирјана вино продава“. Во текот на децениите, Димкова настапуваше на бројни фестивали, телевизиски и радио емисии, оставајќи длабок печат во македонската изворна музика.
Посебно беше препознатлива по емотивната изведба на песната посветена на Мирка Гинова, но и по богат репертоар на автентични песни од егејскиот дел на Македонија. Зад себе остави повеќе од педесет снимени изворни народни песни, кои денес претставуваат драгоцено културно наследство.
Во својата долгогодишна кариера издаде и две музички изданија – „Песни од Егејот“ во 1999 година и второ ЦД во 2016 година. Добитничка беше на повеќе признанија и награди, меѓу кои и наградата од жирито на фестивалот Гоце Фест во 2007 година, како и специјална награда од Здружението на децата бегалци за песната „В душа тага криеме“.
Освен како пејачка, Марија Димкова остави белег и како автор. Таа ги објави книгите „Од фолклорната ризница на Марија Димкова“ и „Автобиографија од Марија Димкова“, во кои остави драгоцени сведоштва за животот, страдањата и традицијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија.
