Сè потесен граѓански простор во Западен Балкан, предупредува новиот извештај на ЕЦФ

Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), членка на мрежата на Европскиот граѓански форум (ЕЦФ) и автор на поглавјето за Западен Балкан, денеска учествува на официјалното претставување на годишниот Извештај за граѓанскиот простор во Европскиот парламент во Брисел.

Поглавјето посветено на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) открива загрижувачки тренд на влошување на граѓанскиот простор во текот на изминатата година. Иако ЕУ интеграцијата останува формална цел во регионот, извештајот бележи сериозно влошување на заканите против граѓанските организации (ГО), активистите иновинарите, вклучувајќи физичко насилство, надзор и оркестрирани кампањи за оцрнување.

Меѓу клучните регионални наоди е загрозента финансиска одржливост.  Наглото прекинување на меѓународната помош од USAID ги наруши клучните програми, принудувајќи ги граѓанските организации да ги намалат своите активности. Јавното финансирање останува оскудно, нетранспарентно и често под политичка контрола. Ваквата зависност од донатори дополнително се користи за поттикнување наративи за „странски агенти“.

Напоменуваат дека независните граѓански организации и медиуми се соочуваат со стратешки тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), селективни инспекции, надзор и полициски рации. Во Србија беа документирани рации без налог, додека во Северна Македонија и Албанија новинарите се соочија со заплашувања и напади.

Изваштајот вели дека иако уставите ја гарантираат слободата на здружување, во пракса се воведуваат рестриктивни закони. Забележителен пример е законот за „странски агенти“ во Република Српска (БиХ), кој го зголеми притисокот врз организациите и покрај неговата суспензија.

БЦСДН оценува дека граѓанскиот простор е обележан со страв, автоцензура и отсуство на ефикасна заштита. Родово заснованото насилство и таргетираното онлајн вознемирување, особено против жените, дополнително придонесуваат за непријателската средина. Наместо партнерство помеѓу граѓанските организации и владите, во регионот е забележана зголемена контрола и стигматизација на оние кои работат на полето на демократијата, антикорупцијата и човековите права. БЦСДН најавува подетална анализа преку претстојниот извештај од „Мониторинг матрицата“ (Monitoring Matrix), кој ќе опфати клучни области како што се правните рамки и основните слободи во Западен Балкан и Турција.

„Земјите од Западен Балкан можеби формално ги гарантираат граѓанските слободи, но реалноста станува сè понепријателска за оние општествени чинители кои имаат критички тон. Граѓанските организации се соочуваат со растечки притисок, стигма и несигурност. Ова е јасен предупредувачки знак дека граѓанскиот простор мора да стане суштински дел од процесот на пристапување во ЕУ, а не споредно прашање.“, наведуваат авторките Марија Вишинова Шемова и Симона Младеновска.

Извештајот препорачува посилна заштита на основните слободи, суштинско учество на граѓанското општество во процесите на донесување одлуки и поодржлива поддршка за независните граѓански организации низ целиот регион.

Мрежата ги повикува националните влади и Европската Унија да обезбедат конкретна заштита за активистите и доследно спроведување на реформите за владеење на правото.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press