Во петок 15 мај, 2026 година со почеток во 20 часот, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоција на тукушто излезеното издание на монографијата „Историја на Галичник“ од Дамјан Бужаровски.
Монографијата ја издаде Темплум, а графичкото уредување беше на авторот. На настанот ќе говорат рецензентите: проф. д-р Димитрије Бужаровски м-р Владимир Таневски, а ќе биде прикажано и кратко видео кое ќе се движи низ страниците од монографијата покрепено со аудио од изворна музика од регионот.
Монографијата на 347 страни започнува со географските податоци за Галичник и регионот, за потоа да го обработи потеклото на Мијаците, и да премине на формирањето на Галичник во предосманлискиот период. Следуваат делови кои го прикажуваат Галичник во османлискиот период преку прегледи на податоците од турските дефтери. Посебно детално се обработени XIX и XX век до 1945 година, со голем број податоци за животот, економијата, занимањата, трговијата, учеството на галичаните во војните од овој период итн. Не помалку интересни се и прилозите за арамиството во истиот период, мијачкиот дијалект и таен јазик, биографиите на илинденци, членови на МРО од Галичник и учеството во НОБ. Во бројните прилози е и списокот на галичките презимиња, како и речникот на турцизми, архаизми и помалку познати зборови. Се’ на се’ една извонредно богата монографија со редок библиографски и фотографски материјал.
Дамјан Бужаровски работи во архивското одделение на Народна банка на РСМ, има магистрирано на Економскиот факултет (монетарна економија) и Филозофскиот факултет (историја), каде во моментов е на докторски студии.
