Демократската унија за интеграција (ДУИ) го одбележа 24-годишниот јубилеј од своето формирање со свечен настан во Градскиот парк во Скопје, на кој присуствуваа членови, симпатизери и високи партиски функционери.
На прославата присуствуваа лидерот на партијата Али Ахмети, поранешниот премиер Талат Џафери, поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, поранешниот министер за образование и наука Арбер Адеми, како и други претставници на партијата.
Во своето обраќање, Ахмети истакна дека ДУИ во изминатите две и пол децении останала доследна на своите принципи и успеала да изгради силна политичка позиција во државата.
„Почнавме од нула, со 1 до 2 проценти застапеност на Албанците во институциите, а денес стигнавме до повеќе од 20 проценти. Од позиција без претставници во највисоките државни функции, дојдовме до премиер, претседател на Собранието и раководни позиции во бројни институции“, рече Ахмети.
Тој нагласи дека ДУИ останува посветена на вредностите на еднаквоста, демократијата и евроинтеграциите, оценувајќи дека партијата и понатаму е значаен политички фактор меѓу Албанците во земјата.
Во својот говор Ахмети упати и повик до албанските политички партии за постигнување договор според кој победничката партија во албанскиот политички блок би ги претставувала Албанците во идните владини коалиции.
Според него, најзначајните државни достигнувања во изминатите години се реализирани со активно учество на ДУИ, а актуелните политички предизвици можат да бидат надминати преку заедничко дејствување и единство.
