Мицкоски најави промени: На некои фотелјата им станала помила од контактот со народот

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Струмица испрати јасна порака дека претстојат промени во извршната власт, нагласувајќи дека нема да толерира функционери кои се оддалечиле од граѓаните и се занеле во привилегиите што ги носи власта.

Во своето обраќање по повод роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека внимателно ги следи работата и однесувањето на министрите и директорите и дека добива бројни поплаки за нивната недостапност.

„Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме“, рече Мицкоски.

Тој најави дека по завршувањето на внатрепартиските кадровски промени ќе започне и процесот на промени во владините структури, потенцирајќи дека сите отстапувања од принципите на работа ги бележи прецизно.

Мицкоски истакна дека власта треба да биде во служба на граѓаните и порача дека чистиот образ тешко се гради, а лесно се губи.

„Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Не сакам изговори“, нагласи премиерот.

Во говорот се осврна и на почетоците на неговото лидерство во ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека пред осум години започнал од Струмица со скромни ресурси, но со голема желба за успех.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press