Група од десетина ученици, кои учеа и пишуваа за делото и големината на браќата Миладиновци во Република Хрватска и кои својата благодарност, сознанија и емоции ги изразија во стихови, наградени од комисијата на поетскиот конкурс:
,,Македонскиот јазик е нашиот идентитет- со љубов за Миладиновци”, допатуваа од Хрватска во Струга, како гости на Струшките вечери на поезијата.
Повод беше одбележувањето на 165 годишнината од издавањето на Зборникот на Миладиновци.
-Како координатор и иницијатор на проектот можам само да ја изразам благодарноста кон Заедницата на Македонците во Република Хрватска и Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска кои го препознаа проектот и го поддржаа во целост.Струшките вечери на поезијата се симбол на нашата големина. Нашите ученици ширум светот треба да бидат инволвирани и да бидат директно учесници и сведоци на убавините кои ни ги нуди нашата земја Македонија, вели Ивана Брезовец и додава:

-Изградивме цврст мост помеѓу Македонија и Хрватска, мост на нашата сегашност и иднина.
Денеска напладне, за младите македонисти од пријателска хрватска, во вилата “Биљана” во Охрид, прием приреди претседателката Гордана Силјамноска Давкова.
Потоа, со разбирањето и вниманието на вработените од НУ “Завод и музеј”, посебно од директорот Горан Патчев, тие ги добија клучевите на Охрид, за да можат спокојно да ги разгледаат најзначајните споменици на македонската истoрија и култура во старото градско јадро.
Истовремено, тие, денеска, беа гости и на Здужението за култура и литература МАЦКОВО од Охрид, за кое, младите литерати – македонисти од Хрватска, се еден од расадниците за пополнување на местата на учесниците на Поетскиот камп за млади “Ванчо Николески”.