(Видео) Нова соработка: „Дај ми“ – новата песна на Симона Поповска и Бока Конга

Во златно поле со пченица, под сино небо и луксузна млечна бања украсена со бели орхидеи, Симона Поповска го сними спотот за „Дај ми“

Со овој сингл Поповска продолжува да ја гради својата музичка приказна, останувајќи доследна на естетиката што ја негува.

Песната е создадена во современ афро хаус стил, а дополнителна свежина внесува перкусионистот Бока Конга, чии живи перкусии природно се вклопуваат во аранжманот и ѝ даваат препознатлива динамика.

Но, зад заразниот ритам и летната атмосфера се крие приказна што е блиска на речиси секој човек. „Дај ми“ ја отвора темата за современите љубовни односи и дилемата со која денес се соочуваат и жените и мажите – дали една врска започнува од искрени чувства или е само уште една минлива авантура. Песната зборува за оној немир што се појавува на почетокот на секоја нова љубов, кога заљубеноста оди рака под рака со стравот од разочарување. Желбата за блискост, доверба и љубов што има иднина се судира со реалноста на брзите и површни врски, а токму таа внатрешна борба е вткаена во рефренот: „Дај ми надеж дека не сум луда, не сум уште една забава пред сон.“

Музиката, аранжманот и продукцијата се дело на Кирил Зарлинов (Ерик Фокс), текстот го потпишува Робин Зимбаков, а миксот и мастерингот го изработи Дулелуд и Симона.

Заедно со песната, својата премиера ја доживеа и видеоспотот, кој преку внимателно избрани кадри, впечатлива фотографија и современ визуелен пристап ја следи атмосферата што ја носи „Дај ми“. Видеото е во продукција на 20TWO.Studio, а режијата ја потпишува Крсте Шупев.

„Кога првпат ја слушнав „Дај ми“, знаев дека токму оваа композиција сакам да ја споделам со публиката. Од самиот почеток почувствував посебна енергија и емоција, а токму тоа, заедно со целиот тим, сакавме да го пренесеме и преку музиката и видеото. Се надевам дека публиката ќе ја препознае искреноста со која ја создававме оваа песна и дека секој што ќе ја слушне ќе пронајде нешто свое во неа“ – вели Симона Поповска.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press