Српска Демократска партија: Вучиќ ги злоупотребува Србите во регионот за да купи уште некој ден на власт
Српската Демократска партија испрати соопштение во кое најостро го осудува вулгарниот и агресивен напад врз претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, објавен на, како што се наведува, порталот на Орбан со спонзорство од Алта банка, а потпишан од Регионалниот одбор Куманово на Српската заедница во Македонија.
„Нема дилема дека станува збор за нарачан текст зад кој стои режимот на Александар Вучиќ. Под лажен изговор за заштита на Србите во Северна Македонија, се прави обид да се заштити неговиот сојузник Иван Стоилковиќ, а истовремено да се пресмета со Венко Филипче и СДСМ. Од очај, Вучиќ се обидува да се претстави како заштитник и незаменлив претставник на Србите во регионот, во момент кога сè повеќе земји и политички чинители во регионот го избегнуваат, а блискоста со него станува непријатност, срам и политичка штета. Затоа го прави единственото што знае: со пари, корупција и притисоци придобива поединечни политичари во регионот, кои потоа во негово име и со неговиот речник шират омраза, создаваат конфликти и ја нарушуваат положбата на српските заедници. Кога името на Србите се користи како покритие за простачки навреди, заплашување и пресметки со политичките противници на Вучиќ, цената на таквата политика не ја плаќа Вучиќ, туку токму Србите во регионот“, се наведува во соопштението.
Како што се додава, претставувајќи се пред меѓународната заедница како човек кој наводно ги контролира и ги претставува Србите во целиот регион, Вучиќ се обидува да тргува со нивната положба и повторно да си создаде политичка употребна вредност, само за да купи уште некој ден на власт во Србија.
„Во изминатите четиринаесет години, Србија беше најлош пример за уривање на институциите во регионот и за потчинување на државата на интересите на еден човек и неговиот круг. По промената на власта, која ќе се случи многу брзо, Србија мора да стане пример за спротивното: на Вучиќ и на неговите соучесници мора да им се суди во Србија, пред очите на јавноста, во отворени и законски постапки, без можност да избегаат од одговорност под заштита на политички покровители во странство. Таквиот епилог би му покажал на целиот регион дека автократ кој, заради лична моќ и богатење, ги разорува институциите на својата држава, по губењето на власта не добива безбеден излез, туку одговара пред институциите на државата што се обидел да ја потчини. Тоа би претставувало вистинска општествена катарза и една од првите добри практики што Србија, по четиринаесет години, повторно би можела да му ги понуди на регионот“, се додава во реакцијата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како што наведуваат од Демократската партија, ја има целосната поддршка и солидарност.
„Нападот на кој е изложен не е одбрана на српските интереси, туку обид Вучиќ да ги извезе политичкото насилство и говорот на омраза, кои ги нормализираше во Србија, и надвор од нејзините граници. Србите во регионот не се политичко оружје на Александар Вучиќ, ниту стока со која тој може да тргува заради сопствениот опстанок на власт“, се наведува во соопштението.
Реакција за ова имаше и од опозициската СДСМ, од каде што велат дека ВМРО и екипата на Вучиќ, удриле со најнечист речник.
„Зборовите што ги користат не можеме сите да ги изговориме поради нашата култура. Многу пониски зборови, полни со најпримитивни навреди и омраза. И вакви текстови Иван Стоилковиќ го промовира на својот Фејсбук-профил. Тој е министер во Владата на Христијан Мицкоски. Сите овие методи се видени во Германија во триесеттите години од минатиот век, фашистички методи во 21 век во Македонија“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
