Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер имаше ретка можност да ужива во богатата колористична и лирска звучност на харфата врз која совршено владееше младата но виртуозна руско-американска уметница Алиса Садикова.
Садикова е редок пример на талентиран харфист, а нејзиниот уметнички раст е видлив уште од раната возраст кога дебитирала на светската музичка сцена. Тоа го потврдија и присутните на синоќешниот концерт кои уживаа во секој звук од харфата и ја наградија уметницата со громогласни ракоплескања.
-Првото дело со кое ја започнав вечерта беше Токата и фуга од Бах која е транскрипција за харфа на Белов, потоа продолжив со кинеска музика, свирев два става од Свитата Бергамаск од Клод Дебиси, првиот Прелудиум и познатата Клер де Лун. На програмата беа Париш Алварс со многу убави варијации на теми од операта „Норма“ на Белини, Шопен со Фантазија- импромпту, исто така транскрипција за харфа и продолжив со Мануел де Фаља, за програмата да ја завршам со Беджих Сметана и Фантазија за харфа од „Влтава“ односно со транскрипцијата за харфа од Трнечек, рече извонредната харфистка Садикова.

Според неа, убаво звучи, но истовремено е и предизвик музиката за пијано да се свири на харфа.
-Сакам музика за пијано и сметам дека таа звучи многу убаво на харфа. Мислам дека звучи поинаку, но сепак е премногу убаво на харфа. Секако,изведбата на пијано е многу полесна отколку на харфа поради педалите и промената на хармониите. Тоа е голем предизвик. Целата црква е преубава, го сакам звукот на харфата во неа, секоја нота звучи совршено. Секој човек многу убаво ќе ја слушне харфата овде, без да се користи микрофон, додаде Садикова.

