Претстојниот викенд, Битола на своите сограѓани и сите посетители кои ќе одлучат да го посетат градот под Пелистер им дава можност да уживаат во уникатна културно – уметничка програма, карактеристична за градот кој го има фестивалот Бит фест.
Вечерва, Симон Трпчески, светски познатиот македонски класичен пијанист, ќе настапи на Антички Театар Хераклеа во Битола. Трпчески е еден од најголемите културни амбасадори на Македонија во светот.
Неговата кариера вклучува настапи со Лондонска Филхармонија, Филаделфискиот Оркестар и Кралската Ливерпулска Филхармонија. Добитник е на наградата за дебитант на годината од Кралското Филхармониско Друштво и на престижната награда Gramophone. Критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна техника и длабока музикалност.
„Да го слушнете Трпчески во Антички Театар Хераклеа е привилегија – класична музика од светско ниво во амбиент кој е стар повеќе од два милениума. Ова е настан кој ретко се случува и кој вљубениците во музиката не треба да го пропуштат“, велат од „Прагма продукција“ која го организира концертот со поддршка на Општина Битола.
Општина Битола во соработка со Културниот и информативен центар КИЦ го најавуваат и првиот фестивал посветен на чалгијата. На 14 и 15 август, градот ќе пулсира во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови.
Првиот фестивалски ден, 14 август, започнува во 11:00 часот во Офицерскиот дом, со семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски. Едукативната содржина ќе биде можност за запознавање со традицијата, структурата и спецификите на чалгиската музика.
Вечерта, центарот на случувањата се сели во Старата Чаршија кај Монмартр, каде од 20:30 часот ќе настапат Чапче и Тајфата. Во 21:30 часот следува настапот на Филип Шурбевски Езгија Квартет, а во 22:30 часот вечерта продолжува со „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
На 15 август, чалгиската приказна продолжува во 18:00 часот на Широк Сокак, со пајтонско дефиле, кое низ препознатливиот битолски амбиент ќе го најави следниот музички дел од програмата.
