„Уна“- интимна, поетична и визуелно впечатлива театарска приказна за борбата на индивидуалецот и љубовта

Театарската претставата „Уна“ работена по текст на истоимениот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица, режија на Дејан Пројковски и во продукција на театарот „Звездара“ од Белград, вчеравечер беше вистински празник на драмскиот репертоар на 66. „Охридско лето“.

Во време кога технологијата и социјалната пропаганда го преплавуваат секојдневниот живот, кога е тешко да се зачува искрена и длабока врска, оваа интроспективна и емотивна драма потсети на важноста на зачувувањето на автентичноста и искреноста и собра громогласни аплаузи како награда од публиката за двочасовната маестрална актерска игра.

„Уна“ е претстава за човечките односи, за влијанието на минатото врз сегашноста и за тоа како едно единствено сеќавање може да го обликува целиот човечки живот.

Според романот „Уна“ на Капор е направен филм во осумдесеттите години на минатиот век, но никогаш досега не е работена театарска претстава, што за големиот македонски режисер Дејан Пројковски, како што вели самиот тој, било голем предизвик.

-Претставата зборува за борба на човекот и подготвеноста да ја плати цената за да се избори за личната слобода и од друга страна, љубовта како една голема и вечна тема, љубовта која што живее во овие општествени и морални рамки, но всушност во тие рамки го бара својот бескрај и своето небо, љубовта којашто за двајцата, за Мишел и за Уна, е како едно патување низ нивните души. Всушност, тие се обидуваат космосот или сопствениот бескрај да го пронајдат некаде длабоко во себе. Претставата на крајот завршува со познатите стихови од романот што останува после љубовта. Тоа е се темите, борбата на индивидуалецот и љубовта помеѓу две човечки суштества кои не одговараат по сижеата на сите светски љубовни приказни, вели режисерот Пројковски кој со години бележи успеси како на домашната, така и на меѓународната театарска сцена.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press