Армијата слави 34 години: Со артилериска стрелба и свечености ќе се одбележи Денот на Армијата

Македонската Армија денеска одбележува 34 години од формирањето, а по повод 18 Август – Денот на Армијата, во Скопје и Штип ќе се одржат повеќе свечени активности.

Централното одбележување ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје, каде што во 19 часот единицата на артилерискиот баталјон ќе изведе почесна артилериска стрелба со 10 плотуни од шест артилериски орудија. Претходно, во 18 часот, ќе биде изведена пробна стрелба со еден плотун.

Јубилејот ќе биде одбележан и во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со смотра на 2. пешадиски баталјон и други армиски единици.

На настанот ќе присуствуваат претставници од повисоката команда на Армијата, градоначалници од зоната на одговорност на 2. пешадиски баталјон, директори и раководители на јавни претпријатија и установи во Штип, како и претставници на верските заедници.

18 Август е избран за Ден на Армијата во чест на 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за прва организирана воена формација на Народноослободителната војска на Македонија.

Процесот на формирање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Денес Армијата е дел од НАТО, откако Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та полноправна членка на Алијансата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press