На 24 август (понеделник), во рамките на „BookStar 2026“, во Скопје ќе гостува познатата филозофка, авторка и професорка Леа Ипи, која живее и работи во Велика Британија. Нејзиното гостување ќе го означи и првиот официјален преднастан на годинашното издание на меѓународниот книжевен фестивал „BookStar“, посветен на темата „FREE AT LeAST?“ или „ЧУМУ СЛОБОДА?“.
Ипи во Скопје доаѓа како авторка на книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?
„Книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „BookStar“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание“, појаснуваат од фестивалот.
Наградата ќе ѝ биде доделена на 24 август во 19 часот во „Лабораториум“, на преднастанот со кој „BookStar“ го започнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември оваа година.
За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „BookStar“ ќе зборува писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска.
По доделувањето ќе следува разговор со Ипи, кој ќе го модерира писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот ќе се фокусира на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.
Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
