Европејците избираат климатизација наместо намалување на емисиите на јаглерод поради сè поопасните топлотни бранови
Ако треба да избираат, повеќе луѓе во шест големи европски земји, вклучително и Обединетото Кралство, претпочитаат да се поттикнува користењето климатизација наместо да се задржуваат емисиите на јаглерод на ниско ниво, покажува анкета, пренесува „Гардијан“.
По четирите екстремни топлотни бранови што предизвикаа илјадници смртни случаи над вообичаеното низ континентот, анкетата покажа дека меѓу 30% и 52% од луѓето во шесте земји стравувале за здравјето на членовите на нивното домаќинство при температури близу или над 40 степени целзиусови.
Голем број луѓе, од 27% во Шпанија, до 41% во Франција и 53% во Германија, изјавиле дека сметаат оти не можат доволно да ги разладат своите домови. Многумина сакале владите да разгледаат различни начини за да им помогнат да се чувствуваат попријатно.
Анкетата на YouGov, спроведена во средината на јули во Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија, а на почетокот на август во Обединетото Кралство, покажа дека меѓу 61% и 73% од испитаниците поддржуваат климатизацијата да се поставува како стандарден дел од сите нови домови.
Дополнителни 65% до 75% од испитаниците поддржале олеснување на постапката за поставување климатизација, без потреба од добивање дозвола од локалните власти или сопствениците на имотите, а меѓу 52% и 66% би поддржале владите да субвенционираат поставување климатизација во домовите.
Во секоја земја освен Италија, значително повеќе луѓе, меѓу 41% и 48%, изјавиле дека треба да се даде приоритет на дозволувањето и поттикнувањето на поширока употреба на климатизација за да се намалат последиците од топлотните бранови, наместо на намалувањето на емисиите на CO₂. Од друга страна, меѓу 20% и 33% сметале дека треба да биде обратно.
