Вчеравечер Карпошовото културно лето започна со презентација на фолклорната уметност, во организација на АКУД „Мирче Ацев“. Освен домашни групи, танцовите фолклорни ансамбли од Мексико, Романија, Унгарија, Полска и Турција, беа одлична можност, почитувачите на автентичниот фолклор да се насладат на интернационална играорна култура од други земји.
Во присуство на градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, во рамки на проектот „ReArt, во кафулето „Ли“, за љубителите на овој вид на уметност, беа изложени и презентирани автентично изработени скулптури од рециклирани материјали, создадени од млади таленти.

„Навистина ми претставува особена чест, што вечерва имаме можност да ги видиме овие фасцинантни дела од оваа изложба. Она што го гледаме пред нас е најдобар доказ дека уметноста може да се роди токму таму, каде што најмалку ја очекуваме. Особено ме радува што зад овие дела стојат млади луѓе. Тие ни покажуваат дека креативноста нема граници, а одговорниот однос кон животната средина може да започне со едноставна промена во начинот на кој гледаме на работите околу нас“, потенцираше првиот човек на Карпош, Лукровски.

Во училишниот двор на ООУ „Петар Поп Арсов“ со почеток од 20:00 часот , во рамки на отвореното кино, беше прикажан филмот „Исцелител“. И овој пат, карпошани, заедно со своите маалски соседи, роднини и пријатели, гледаа домашен македонски филм, во една релаксирана и опуштена атмосфера.

Седмата вечер на отвореното културно лето во Карпош, заврши на најдобар можен начин-со одлична забава со неповторливите Игор Џамбазов и Гуру Харе.
Нашиот легендарен шоумен заедно со гитаристот во придружба, направија незаборавна вечер за паметење. Со бравурозен настап, како на „филмска лента“ сe редеа познатите македонски поп-рок хитови и евергрини од познати македонски изведувачи кои ги натераа присутните заедно со Џамбазов и Гуру Харе да пејат и одлично да се веселат.
Меѓу своите карпошани во релаксирана и опуштена атмосфера се забавуваше и градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

