Заврши 17-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое од 20 до 27 август се одржа со мото „Само сонот е стварност“ во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Доделувањето на наградите се одржа на 27 август во Куршумли ан.
Пред почетокот на церемонијата на доделување на наградите, Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“, истакна дека заврши едно од најуспешните изданија на фестивалот на кое седум од осумте вечери беа со распродадени билети за проекциите, а присуството на публиката овозможи сонот да стане стварност.
Автор на статуетките што се доделуваа на наградените автори е уметникот Глигор Кузмановски. Вечерта на доделувањето на наградите беше посветена на Влатко Милев – Циги, кој беше љубител на документарниот филм и пријател на „МакеДокс“.
Фестивалот „МакеДокс“ доделува награди во пет категории: награда „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи. Членови на комисиите беа 15 признати домашни и странски филмски автори, продуценти и филмски критичари.
Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на 17. „МакеДокс“ беа Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, кои наградата ја доделија на филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо.
Жирито едногласно смета дека „Тристан засекогаш“ емотивно го разоружува гледачот уште од самиот почеток, преку формално сензуален јазик на интимна едноставност. Филмот глатко ги балансира спротивставените сили меѓу соновните регистри на внатрешната психолошка изолација и надворешното чувство на припадност кон просторот.
Комисијата за Наградата за најдобри етички идеи беше во состав Хана Корнети, Олександра Калиниченко и Кристина Леловац, а наградата ја доби филмот „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу.
Наградата за филм со најдобри етички идеи е посебна затоа што фокусот се преместува од оваа страна на екранот на онаа страна од камерата – со други зборови, ова е награда заснована на начинот на кој филмот се однесува кон темата и кон луѓето чии животи ги прикажува.
