Духовно единство во Осоговскиот манастир: Пет православни цркви собрани во чест на свети Јоаким

Архијереи и свештенослужители од пет помесни православни цркви учествуваа во свеченото празнување на преподобниот Јоаким Осоговски, одржано во манастирот посветен на светецот во Крива Паланка.
Во молитвеното чествување се вклучија претставници на Македонската, Романската, Српската, Бугарската и Православната црква на Албанија, а манастирскиот комплекс беше исполнет со многубројни верници.

Празнувањето започна на 28 август, во предвечерието на манастирската слава, со празнична вечерна богослужба на која началствуваше митрополитот Доростолски г. Јаков од Бугарската православна црква.
На вечерната богослужба молитвено присуствуваа митрополитот Тулчански г. Висарион од Романската православна црква, митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и пензионираниот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф.

Централниот дел од празнувањето се одржа на 29 август, кога во манастирскиот храм беше отслужена свечена Божествена Литургија, на која началствуваше митрополитот Тулчански г. Висарион.
Во сослужение учествуваа митрополитот Доростолски г. Јаков, епископот Новобрдски г. Иларион од Српската православна црква, кој е викар на српскиот патријарх Порфириј, како и архијереите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија: Брегалничкиот митрополит г. Иларион, Австралиско-новозеландскиот митрополит г. Никола, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и пензионираниот митрополит г. Јосиф.

Заедно со свештенослужителите од МПЦ-ОА служеше и отец Никола Кодели од Православната црква на Албанија.
Пред многубројниот верен народ, како и пред претставници на локалната и централната власт, беседа одржа митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола.
Верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на преподобниот Јоаким Осоговски и молитвено да учествуваат во богослужбите посветени на еден од најпочитуваните светители и духовни заштитници на Осоговскиот крај.
На крајот од Литургијата пред присутните се обрати митрополитот Висарион. Во знак на сеќавање на заедничкото богослужение, тој му подари на манастирот крст за благословување, изработен во Романија.
Овогодишното празнување уште еднаш го потврди значењето на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ како големо духовно средиште и место на соборно молитвено обединување на верници, свештенослужители и архијереи од повеќе православни цркви.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе