ВЛЕН: ДУИ молчеше кога Албанците ги нарекуваа „терористи“, а денес држи лекции за Албанците

Политичката партија ВЛЕН ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека повторно се обидува да создаде, како што велат, лажна слика во јавноста преку манипулации и извртување на фактите.

Од ВЛЕН велат дека е неточно мешањето на конкурсот за вработување во полицијата со конкурсот за ученици во средното полициско училиште.

„Тоа се две целосно различни постапки, а нивното мешање е доказ за политичкиот очај на партија која се обидува да создаде лажна перцепција кај јавноста“, наведуваат од ВЛЕН.

Од партијата додаваат дека иронијата е што ДУИ денес се претставува како заштитник на интересите на Албанците.

„Каде беа заменик-министрите на ДУИ кога стоеја покрај министрите кои ги нарекуваа Албанците „терористи“? Каде беа кога министер изјавуваше дека не му давал право на еден Албанец да зборува само затоа што бил осуден?“, прашуваат од ВЛЕН.

Според нив, тогаш претставниците на ДУИ молчеле, а денес, како што велат, „држат лекции“.

ВЛЕН оценува дека Албанците немаат потреба од морализирање од политичари кои молчеле кога требало да зборуваат, а денес гласно реагираат за да ги прикријат сопствените политички неуспеси.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе