БИТОЛА: Василе Димески ја прими наградата „Державин“
Битола, 16.10.2017
Во саботата во Битола, во амфитеатарот на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ свечено беше доделена поетската награда „Державин“ на поетот Василе Димески од Прилеп. Наградата ја врачи Неговата екселенција Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија.
Имено, наградата „Державин“, се доделува за најдобра стихозбирка објавена во периодот од јули 2016 до месец јули оваа година. Неа можат да ја добијат само поети кои се членови на Друштвото на писатели на Македонија. Комисијата која одлучуваше за оваа високо поетско признание ја сочинуваа Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски, а нивната одлука Василе Димески да биде носител на наградата беше едногласна.
Високото признание Димески го доби за поетската книга „Ноќва душава си ја изедов“, објавена во издание на „Матица македонска“.
Пред присутните се обрати и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Веле Смилевски.
Манифестацијата уметнички ја збогатија Марина Коруновска – мецосопран и Александра Јанковска – пијано придружба кои изведоа руски романси како и Наталија Алешкина-Талевска и Даган Миладиновски кои рецитираа стихови од Державин и Димески.