Врховниот суд ја укина пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци, осудените ќе излезат од затвор

Врховниот суд ја укина правосилната пресуда за автобуската несреќа кај Ласкарци во која на 13 февруари 2019 година загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.

Советот за казниви дела при Врховниот суд донел одлука со која се укинуваат претходните судски одлуки во предметот поврзан со компанијата „Дурмо турс“.

Со укинувањето на пресудата, предметот се враќа на повторно одлучување, што значи дека судската постапка ќе продолжи одново и повторно ќе треба да се утврдува евентуалната кривична одговорност на обвинетите.

Како последица на одлуката, осудените лица кои во моментов ги издржуваат затворските казни ќе бидат пуштени од затвор.

Во предметот беа обвинети шест лица – сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за транспорт во компанијата Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед.

Белули, Мифтари и Трифуновски беа обвинети за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед беа обвинети за соучество во истото кривично дело.

Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Врховниот суд во состав: претседателот на Судот Африм Фидани, известителот на предметот Џемали Саити и членовите Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе