ДЕЛЧЕВО: Промовирана монографија за познатиот стопанственик Ванчо Цонев

Делчево, 11.09.2026

Во издание на ММЦ Прогрес Делчево излезе од печат монографијата Скалила на успехот, во која на 248 страни  е претставена личната и стопанската биографија на познатиот делчевски стопанственик Ванчо Цонев.

Неговата богата стопанска биографија започнува со првото вработување во Пирин,   Делчево, па продолжува во сопствената фирма Агродел. Потоа Цонев заминува во конфекцијата  Партизанка која во моментот на неговото доаѓање покажува загуба од преку пет милиони евра. Благодарение на неговите визии и целосната промена на односот кон работата како на вработените, така и на менаџерскиот тим, конфекцијата за краток период се консолидира и станува една од водечките компании не само во Делчево туку и во регионот. Следи трансформација во акционерско друштво и приватизација. Ванчо Цонев поради неслагање со доминантниот сопственик, потоа ја напушта Партизанка, оставајќи ја во одлична финансиска состојба.

По извесен период тој заедно со својот партнер Андреј Табачински од Полска ја реализира првата гринфилд инвестиција Арлен, не само во Делчево туку и во регионот.

По извесен период Арлен се ребрендира во ММЦ Прогрес при што Ванчо Цонев станува единствен сопственик. Компанијата постојано бележи добри резултати и е една од водечките во Делчево. Како општествено одговорна фирма, се јавува како спонзор во многу сфери од општествениот живот во Делчево, во културата, спортот, здравството… По пензионирање на Ванчо Цонев со фирмата успешно раководат неговите синови Михаил Цонев, генерален менаџер и Марко Цонев директор за производство.

Промоцијата на монографијата Скалила на успехот се одржа во хотел Либеро во Делчево со присуство на голем број пријатели и деловни партнери на Ванчо  Цонев.

Книгата ја подготвија авторскиот тандем Миле Ѓорѓијоски и Христина Деолска, уредник е Марија Цонева, лектурата е на Љубинка Ајтовска, графичката подготовка на Лазар Кацкаровски, а печатена е во печатницата Студентски сервис, Скопје.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе