Новинари на Си-Ен-Ен, Ем-Ес-Нау и Политико во саботата не можеле да пристпат до комплексот на Белата куќа откако американскиот претседател Доналд Трамп еден ден претходно најави дека им забранува влез на новинарите од трите медиуми поради нивното известување за неговата администрација.
Новинарката на Ем-Ес-Нау, Акајла Гарднер, новинарката на Си-Ен-Ен Бетси Клајн и дописничката на Политико Шајен Хаслет биле вратени на влезот во Белата куќа во саботата наутро. Нивните новинарски картички биле деактивирани или одземени.
Гарднер изјави дека нејзината акредитација не функционирала по што службено лице побарало да ја предаде бидејќи била деактивирана. На нејзиното прашање зошто не може да влезе, службеникот ѝ одговорил дека одлуката е донесена од инстанци „над него“. На камерманот на телевизијата исто така му бил забранет влез, додека еден продуцент на Ем-Ес-Нау успеал да влезе во комплексот.
Клајн, која со години известува од Белата куќа, исто така останала без акредитацијата, додека Политико соопшти дека Тајната служба не ѝ дозволила влез на Хаслет и ѝ ја одзела пропусницата.
Трамп во петокот преку својата социјална мрежа Трут соушал објави дека забраната за Си-Ен-Ен, Ем-Ес-Нау и Политико стапува во сила веднаш. Тој ги обвини медиумите дека постојано објавуваат „фикција и лаги“ и најави дека слични мерки би можеле да следуваат и за други медиуми. На прашање на новинар дали со одлуката се обидува да го заплаши печатот, Трамп одговори дека не станува збор за заплашување, туку дека не сака, како што рече, „нечесен печат“.
Тој не посочи конкретен напис или прилог како непосредна причина за забраната, туку рече дека одлуката е резултат на наталожено незадоволство од нивното известување во изминатите години.
Трите медиуми остро реагираа. Си-Ен-Ен соопшти дека има уставно право да известува без мешање на власта и дека ќе продолжи да ја следи работата на администрацијата. Ем-Ес-Нау порача дека Белата куќа „им припаѓа на американските граѓани“ и најави дека ќе ги преземе потребните чекори за заштита на своите права и улогата на независното новинарство. Политико соопшти дека стои зад своите новинари и дека ќе ги брани правата гарантирани со Првиот амандман на американскиот Устав.
Реагираше и Здружението на дописници од Белата куќа кое оцени дека заштитата на слободата на печатот не зависи од тоа дали претседателот е задоволен од известувањето на одреден медиум.
„Ова е повеќе од прашање за правата на новинарите. Станува збор за правото на американскиот народ да добива целосен и независен увид во активностите, политиките и одлуките на оној кој ја извршува највисоката функција во земјата“, соопшти здружението.
Претседателката на здружението, Џеки Хајнрих, побара Белата куќа веднаш да им го врати пристапот на новинарите предупредувајќи дека критериум што се користи за исклучување на еден медиум поради неговото известување во иднина би можел да биде применет и врз други редакции. Здружението нагласува дека системот за постојани новинарски акредитации го администрира Белата куќа, додека безбедносните проверки ги спроведува Тајната служба.
На одлуката реагираа и други американски медиуми. „Њујорк тајмс“ ја опиша мерката како неправедно таргетирање на редакциите, додека Асошиејтед прес соопшти дека ниту еден медиум или поединец не треба да биде изложен на владина одмазда поради зборовите што ги користи.
Ова не е прв судир на администрацијата на Трамп со медиумите околу пристапот до претседателот. Во 2025 година Белата куќа го ограничи пристапот на новинарите на Асошиејтед прес до дел од претседателските настани откако агенцијата одби целосно да го прифати новото име „Американски Залив“ за Мексиканскиот Залив. Федерален суд тогаш оцени дека Белата куќа неправилно ја казнила агенцијата поради содржината на нејзиното известување, но извршувањето на одлуката подоцна беше запрено во жалбена постапка, која продолжи.
За време на првиот претседателски мандат на Трамп, Белата куќа во 2018 година му ја одзеде акредитацијата и на новинарот на Си-Ен-Ен Џим Акоста, по што медиумот поведе судска постапка.
Новата забрана за Си-Ен-Ен, Ем-Ес-Нау и Политико претставува дополнително заострување на долгогодишниот конфликт меѓу Трамп и дел од американските медиуми, а трите редакции засега најавуваат дека ќе продолжат да известуваат за Белата куќа и покрај ограничениот пристап.
