Филип Шурбевски – Езгија квартет ја донесе магијата на македонската традиционална чалгиска музика во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, потврдувајќи ја улогата на оваа институција како значајна сцена за афирмација на македонската култура и традиција.
Во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб одекнуваше звукот на македонската традиционална чалгиска музика. Во целовечерниот настап на Филип Шурбевски – Езгија квартет, присутните ја почувствуваа емоцијата, музичката виртуозност и незаборавните ритми од богатото македонско музичко наследство.
Со повеќе од 18 музички изведби, врвните професионални музичари, Филип Шурбевски, Костадин Андоновски, Мајкл Карадаковски и Митко Наумовски, го претставија пред публиката препознатливиот македонски чалгиски звук. Филип Шурбевски – Езгија квартет, преку традиционалниот чалгиски музички израз ја потсети публиката на минатите времиња, кога песната, музиката, музицирањето и дружењето биле неразделен дел од градскиот живот.
На почетокот на концертот, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ја истакна посебноста на чалгиската музика, нагласувајќи дека таа не е само звук, туку цел настан – спој на музика, емоција, традиција и заедништво. Како значаен дел од македонското музичко наследство, чалгијата сведочи за вековните културни допири на Балканот и за богатството на македонската градска традиција. Преку својот специфичен звук, таа ги поврзува минатото и сегашноста, зачувувајќи го духот на старите времиња и пренесувајќи го на новите генерации.

Настанот привлече бројна публика, високи претставници на Мининистерството за култура и медиуми на Хрватска и претставници на локалната власт, како и истакнати претставници на македонски и хрватски институции и организации во Загреб, претставници на дипломатскиот кор, универзитетски професори, многубројни загрепчани и Македонци кои живеат, работат или се образуваат во Загреб.
Големиот интерес, преполната сала, долготрајните аплаузи и изразените чувства на присутните ја истакнаа важноста на културните настани коишто ја потенцираат длабоката емоционална енергија на македонската културна традиција.
