Денес, на свечена церемонија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше соопштено дека наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја добива Ана Пејчинова за преводот од англиски јазик на книгата „Избрани песни“ од Радјард Киплинг во издание на издавачката куќа Полица. Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Иван (Ивица) Џепароски, проф. д-р Владимир Цветкоски и д-р Јана Михајловска, на својот последен состанок едногласно донесе одлука наградата да ѝ се додели на Ана Пејчинова.
Во образложението се вели: „Преводот успешно се справува со најчестите преводни проблеми што Киплинговата поезија ги поставува пред преведувачот на македонски јазик: прозодијата, регистрите, реториката, реалиите и идеолошката сложеност.
Поконкретно, песните се пренесени со зачуван ритам и рима, и во долгите балади. Силниот, речиси марширачки ритам на изворникот е пренесен со акцентски стих со трохејско-дактилски пулс. Онаму каде што македонскиот стих неизбежно се шири, движењето на изворникот го носат императивите на почетокот на стихот.
Најсилниот белег на преводот е промената на регистарот од песна до песна. Ориенталниот говор на т.н. авганистански балади е пренесен со османлискиот лексички слој од македонскиот јазик. Кокни-говорот е доловен со македонски разговорен стил, а Киплинговата иронија е зачувана, и на места и изострена.
Сѐ на сѐ, преводот постигнува ретка рамнотежа меѓу верноста кон смислата и верноста кон формата и покажува дека македонскиот јазик може да се носи со Киплинговиот стих со сите негови звуци и гласови. Со тоа, тој ја збогатува македонската преводна книжевност и нуди решенија што можат да бидат образец за идната преведувачка практика“.
При врачувањето на наградата видно возбудена се обрати и добитничката Ана Пејчинова, изјавувајќи:
„За македонските преведувачи, нема поголема и подрага чест од оваа: нивното дело да биде вреднувано со наградата ’Драги‘ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Честа, за мене, е двојна: потврда на успешноста на мојот препев на Нобеловецот Радјард Киплинг, и длабок поклон пред ненадминливиот бард на препевот Драги Михајловски.
Препевот, посебно оној со љубов кон делото на еден велик автор, подразбира прекрасен, посветен процес, и е награда сама по себе. Како и поезијата, тој е резба на дух во јазик, но во него, дополнително, градиме и мост за македонскиот читател да патува во туѓи култури, времиња, поднебја и народи – далечни, а со блиско срце и дух. Оваа награда осветлува вакви мостови под знамето на Драги, и со тоа ја продолжува неговата бесценета книжевна оставнина“, поентираше Пејчинова.
