Манчевски го освои Токио со „Сестра, брат и шахта“

Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, а интересот на публиката беше голем. По проекцијата, обожаватели чекаа цел час за да добијат автограм и да се фотографираат со режисерот и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ.

„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по премиерата.

По проекцијата, режисерот и актерите учествуваа и во разговор со публиката, јапонските и меѓународните медиуми. Разговорот го водеше уметничкиот директор на фестивалот, Шозо Ичијама, кој се осврна на уметничките квалитети на филмот и на општествените теми што ги отвора приказната. Гледачите поставувале конкретни прашања за режисерскиот пристап, актерската игра и пораките на филмот, споделувајќи ги и своите емотивни реакции.

„Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, која присуствувала на премиерата.

Интересот продолжил и по разговорот. Пред салата се формирала долга редица обожаватели кои чекале автограми и фотографии со македонската филмска екипа. Некои од нив донеле и плакати од претходните филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“, како и ДВД-изданија за да добијат потпис.

За главниот актер Филип Трајковиќ, Токио е местото од кое ликот на Виктор го започнува своето патување низ светот.

„Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него. Се надевам дека ќе продолжи да патува и ќе стане граѓанин на светот. Виктор го заслужува тоа“, изјави Трајковиќ.

Сара Климоска, која меѓународните медиуми ја посочиле како ѕвезда на филмот, рече дека Манчевски повторно успеал да ја расплаче.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе