Мицкоски за „Алта банка“: Штедачите ќе бидат обесштетени до последниот денар – Можни се 2 сценарија за надминување на состојбата
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика штедачите и доверителите на Алта банка да не подлегнуваат на, како што рече, шпекулациите и обидите за создавање паника, уверувајќи дека државата го следи случајот и дека граѓаните ќе бидат обештетени доколку банката замине во стечај.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски ја обвини опозицијата дека намерно создава страв кај граѓаните и дека случајот со Алта банка го користи за политички цели. Тој направи споредба со претходните реакции на опозицијата во врска со заемот од Унгарија, стратешкиот договор со Обединетото Кралство и други политички прашања.
Мицкоски нагласи дека проблемите со Алта банка настанале во соседна Србија и дека, според него, станува збор за увезен проблем, а не за случај сличен на пропаѓањето на Еуростандард банка.
Сепак, посочи дека последиците од случувањата во Србија може да се почувствуваат и во македонската економија. Според неговите податоци, трговската размена меѓу Македонија и Србија во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра. Тој рече дека неколку македонски компании веќе го известиле дека нивните деловни партнери во Србија се соочуваат со финансиски проблеми поради блокираните средства во Алта банка.
Премиерот предупреди дека, доколку состојбата не се стабилизира наскоро, може да дојде до затворање компании и губење работни места во двете земји. Како дополнителен ризик ја посочи и состојбата во Албанија.
Во однос на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка Србија, Мицкоски рече дека, според информациите со кои располага, биле исполнети сите законски услови и добиени позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Тој објасни дека акциите биле продадени на јавна аукција од приватни акционери, нагласувајќи дека Владата немала улога во продажбата.
