Активирани борбени авиони на НАТО откако беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на балтичките земји

Балтичките земји Литванија, Латвија и Естонија утрово повлекоа серија предупредувања со кои се повикуваа граѓаните да побараат засолниште поради закани од неидентификувани беспилотни летала што навлегле од соседните Русија или Белорусија, соопштија официјални лица и медиуми.
Во предупредувањата се наведуваше дека се активирани борбени авиони на НАТО за противвоздушна одбрана, иако немаше извештаи за повредени. Надлежните за кризни ситуации во Литванија изјавија дека предупредувањето се однесувало на вториот град по големина, Каунас, во кој живеат околу 300.000 луѓе.
Финска, која исто така граничи со Русија, денеска воведе привремени ограничувања во воздушниот простор и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот залив, соопштија нејзините одбранбени сили на платформата „Икс“, но подоцна ги укинаа тие мерки.
„Ограничувањата беа превентивна мерка за да се осигури непречено функционирање на надлежните служби и безбедноста на граѓаните“, додадоа тие.
Овој потег уследи откако украински беспилотни летала го нападнаа северозападниот дел на Русија – каде што се наоѓаат важни капацитети за извоз на Балтичкото Море и голема рафинерија за нафта при што избувна пожар во пристаништето Уст-Луга, а три лица беа повредени.
Остатоци од беспилотно летало усмртија две лица во рускиот регион Смоленск, кој граничи со Белорусија, пренесоа руските новински агенции, повикувајќи се на изјава на локалниот гувернер.
Во Украина, руски воздушен напад извршен во текот на ноќта предизвика прекин на електричната енергија во делови од индустрискиот центар Криви Рих, при што едно лице беше повредено во вториот по големина град, Харков, а уште шест лица беа повредени во Запорожје, соопштија официјални лица и службите за итни случаи.
„Ројтерс“ не можеше веднаш независно да ги потврди овие извештаи. Русија и Украина негираат дека намерно гаѓаат цивили во војната што Москва ја започна со инвазија врз својот сосед во февруари 2022 година.
Овие случувања се одвиваат во контекст на дводневна средба меѓу руски и украински претставници во Абу Даби, која започна во вторникот, додека САД вложуваат нови напори за ставање крај на војната.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека војната е блиску до разрешница и дека нејзиното завршување би можело да ја вклучи цела Европа.
Навлегувањето на украински воени беспилотни летала во воздушниот простор на Финска, Естонија, Латвија и Литванија предизвика загриженост дека војната во Украина се прелева во земјите-членки на НАТО кои граничат со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија. Додека Украина ги напаѓа руските пристаништа за транспорт на нафта на Балтичкото Море, некои од нејзините беспилотни летала ги промашија целите, што предизвика безбедносни предупредувања во соседните земји, па дури и пад на владата во Латвија оваа година.
Москва го обвини Киев дека го користи воздушниот простор на НАТО како заштита за нападите, додека Киев тврди дека руското попречување на сигналите ги оддалечило некои од неговите беспилотни летала од предвидената патека. Земјите членки на НАТО ја обвинуваат Русија за овие инциденти, наведувајќи дека таа ја започнала војната.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе