Цигарите во Македонија треба значително да поскапат за да станат помалку достапни, особено за младите, порача претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, д-р Аким Али, на националната конференција посветена на намалувањето на пушењето.
Тој предупреди дека состојбата со употребата на тутун во Македонија е загрижувачка, особено поради големиот број млади луѓе кои пушат, но и поради изложеноста на непушачите на чад од цигари.
Според Али, четири мерки се клучни во борбата против пушењето: значително зголемување на цените преку акцизи, заштита на непушачите од тутунски чад, препознавање на пушењето како зависност и ограничување на достапноста на цигарите за младите.
„Загрижува кога гледам ученици и наставници како пушат пред училиштата“
Претставникот на СЗО посебно внимание посвети на пушењето меѓу младите и однесувањето во близина на образовните институции.
Тој истакна дека е загрижен кога гледа ученици и наставници како пушат пред училиштата, нагласувајќи дека младите не треба да бидат изложени на тутунски чад.
Според него, пушењето не претставува животен стил, туку зависност која предизвикува сериозни последици по здравјето, меѓу кои рак, срцеви заболувања и мозочни удари.
