Драган Ј. Вучиќевиќ, сопственик и главен уредник на српскиот медиум и телевизија „Информер“, денеска е уапсен по налог на Второто основно јавно обвинителство во Белград, објави српскиот портал Н1.
Според информациите што ги објави порталот „Нова.рс“, Вучиќевиќ е уапсен под сомнение за предизвикување паника и нереди во продолжено траење, како и за попречување на правдата.
Како што објави „Информер“, Вучиќевиќ бил пресретнат од полицајци на околу 50 метри од зградата во која работи. Потоа бил пренесен во полициската станица во белградската општина Вождовац.
Информацијата за апсењето ја соопшти и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во моментот зборувал на седница на Народното собрание на Србија.
„Тукушто е уапсен и сопственикот на телевизијата ‘Информер’, Драган Ј. Вучиќевиќ“, изјави Вучиќ.
Тој оцени дека Вучиќевиќ е уапсен „само поради својата новинарска работа“. По неговата изјава, дел од пратениците од парламентарното мнозинство реагирале со аплауз, што предизвикало негова дополнителна реакција.
Н1 соопшти дека побарал информации од српското Министерство за внатрешни работи и дека очекува одговор.
Апсењето доаѓа во период на зголемени тензии околу телевизијата „Информер“, која во октомври беше цел на протест и упад на група граѓани во нејзината редакција во Белград.
На 26 октомври, за време на емитување на емисијата „Колегиум“, група граѓани влезе во студиото, по што беше прекинато редовното емитување на програмата. Вучиќевиќ и новинарите ја напуштија редакцијата, а вработените беа евакуирани.
Тогаш Вучиќевиќ тврдеше дека биле оштетени делови од телевизиската опрема и дека вработените биле изложени на опасност. Тој го обвини собирот за напад врз телевизијата и обид за замолчување на редакцијата.
Случувањата околу „Информер“ се дел од пошироките политички и медиумски тензии во Србија, каде што телевизијата и нејзиниот главен уредник често се предмет на критики поради начинот на известување и нивната отворена поддршка за политиките на власта.
Засега нема дополнителни официјални информации за деталите на постапката против Вучиќевиќ
