„Сензитивна интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошески во Диселдорф

Утре, 28 ноември, од 15:00 часот во галеријата „ART ROOM“ во Диселдорф, Гермнанија, ќе биде отворена изложбата „Сензитивна интроспекција“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 16 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните некоплку години во материјал инокс.

„Оваа поставка не е изложба во класична смисла на зборот, туку дестабилизирачки апарат на перцепцијата — поле во кое скулптурата се откажува од својата објектност за да стане настан, трага, одложување. Она што се појавува пред нас не е форма, туку процес на нејзино постојано исчезнување и повторно појавување. Во оваа поставка, материјалот не е носител на стабилно значење, туку медиум на распрснување. Површината не ја рефлектира реалноста — таа ја распарчува, ја фрагментира, ја враќа како одложена присутност. Одразот станува трага, а трага — она што, следејќи ја логиката на Жак Дерида, никогаш не е целосно тука, туку секогаш веќе поместено, расцепено, во состојба на различност.

Скулптурите на мојот драг и почитуван колега проф. д-р Слободан Милошески не постојат како затворени ентитети, туку како нестабилни констелации на светлина, агол и присуство. Тие се активираат единствено во однос — со телото што гледа, со просторот што ги опкружува, со времето во кое се случуваат. Во таа смисла, делото е секогаш довршено/недовршено, секогаш во состојба на зачеток. Гледачот, во овој контекст, не е субјект што контролира значење, туку е вклучен во мрежа на рефлексии што го надминуваат. Неговото тело се впишува во делото како уште една површина на одраз, уште една нестабилна точка во системот. Перцепцијата повеќе не е сигурен инструмент, туку кревка, подложна на распад, на лизгање, на грешка..“ – вели проф. м-р Страхил М. Петровски, во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.

До сега има реализирано 40 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 18 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , „Награда за скулптура“ доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура „Секвенци на рефлексија“ во Младински кулптурен центар- сите поставени во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 до 2025 година бил дел од управниот одбор на друштвото. Работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе